Битката за двете места во Европа, како и за Втората лига сепак ќе се решаваат во последното коло в недела во завршницата од оваа сезона во Првата лига, но битолски Пелистер е сѐ поблизу е до испаѓање од понизок ранг откако денеска се одигра претпоследното 35-то коло во македонската фудбалска елита.

Скопје славеше против Победа со 1-0 со голот на Ѓоко Алексовски од пенал за да го закова Пелистер, кој дома со 0-2 загуби од Шкупи на дното и битолчани сега в недела ќе ја имаат невозможната мисија за спас, да ја победат недопирливата Шкендија среде Тетово, меч кој е најава за финалето во Купот три дена подоцна, а патем Скопје и Победа да ги загубат своите мечеви за зелените да останат прволигаши.

Баже Илијоски и Омер Имери за девет минути ги решија сите дилеми на „Тумбе Кафе“ за победа на Шкупи, со која чаирчани стигнаа до четвртото место на табелата, а Силекс падна на петтото, откако кратовци одиграа реми без голови со Работнички во дербито за Европа. Работнички остана трет и против Скопје дома ја има шансата да го завери настапот во Европа, а Шкупи во градското дерби со Вардар со триумф ќе го осигура четвртото место во лигата и потоа ќе навиваат за Шкендија да го освои Купот и да им ја даде последната виза за излез на меѓународната сцена.

Силекс, пак, по шестиот меч без победа ќе мора да ја победи Академија Пандев во Турново, но да чека и помош од Вардар или од Скопје за да ги прескокне ривалите во трката за меѓународната сцена.

Во последните два меча, Вардар во најинтересниот меч без никакво значење ја победи Академија Пандев со 3-2, а Шкендија ја продолжи победничката серија и славеше во тетовското дерби со 3-0 со два гола на Бесарт Ибраими за две минути.

ПРВА ЛИГА, 35. КОЛО (16.15 ЧАСОТ)

Вардар – Академија Пандев 3-2 (0-1)

Максимов 51, 89, Брсегјан 66 - Пандев 45, Марков 79

Силекс – Работнички 0-0

Пелистер – Шкупи 0-2 (0-2)

Илијоски 29, Имери 38

Скопје – Победа 1-0 (1-0)

Алексовски 17 п.,

Ренова – Шкендија 0-3 (0-3)

Ибраими 18, 20, Жуниор 30

ТАБЕЛА

Шкендија 88 бода, Вардар 56, Работнички 49, Шкупи 48, Силекс 47, А. Пандев 42, Ренова 41, Скопје 35, Победа 35, Пелистер 34.