Битка за пехар и - виза за Европа: Ќе слави Ѓорче по 16 години или Силекс ќе го одбрани пехарот?

Македонија ЃП по вторпат во својата историја или Силекс по четврти пат ќе дојде до пехарот во Купот на Македонија, во денешната финална пресметка (18 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“, која освен слава нуди и виза за – Конференциската лига.

„Лавовите“ од Ѓорче веќе 16 години не го освоиле трофејот, уште од епската победа против Шкендија во 2006 година (3-2), а во меѓувреме загубија две финалиња во 2009 и 2019 година, па сега против кратовци, Муарем Бајрами кои сезонава ги препороди со избраниците ќе се обидат вторпат во клупската историја да го донесат пехарот.

На хартија Македонија ЃП е фаворит, зашто Силекс сезонава играше во ранг подолу, ама во финални пресметки тешко дека има апсолутни фаворити, па во еден меч сѐ може да се случи. И лани Академија Пандев против испаднатите кратовци беше фаворит, но Силекс успеа да дојде по пенал-рулет до својот трет трофеј во историјата, прв после 14 години.

„Нѐ чека интересен меч, играме против добар тим, кој знае што сака на теренот и не случајно се прошета во Втората лига. Имаме квалитет, јас верувам во фудбалерите. Вакви мечеви не се играат секој ден, така да треба да излеземе, да уживаме“, вели Бајрами.

За Силекс ова е петто финале во историјата и кратовци го бркаат четвртиот трофеј, кој ако го освојат ќе дојдат на второто место на вечната листа, каде Работнички засега е осамен со четири пехари, еден помалку од најтрофејниот Вардар кој има пет, но веќе цели 15 години го нема освоено.

Кратовци лани првпат триумфираа по 14 години, откако во 1994 и 1997 година освоија два пехари, а само во 1995 година досега од четирите финалиња загубиле. Ако лани купот им ги залечи раните за испаѓањето во Втора лига, сега Силекс може да напише историја како прв кој од Втора лига дошол директно во Европа.

„Ни се отвори шансата и јас сакам пред сѐ да победи фудбалот. Кој ќе биде подобар ќе видиме, на вакви мечеви нема фаворит, можеби блага предност има Македонија ЃП зашто сепак доаѓаат од ранг погоре во однос на нас, така да финале е финале и сѐ е отворено“, потенцира Горазд Михајлов за денешната пресметка.

Победникот ќе го даде последниот четврти патник во Европа летово, но со тоа што ќе тргне од второто квалификациско коло во Конференциската лига, а не како Академија Пандев и Шкендија од воведната рунда. Шкупи е претставникот на Македнија во квалификациите за ЛШ.