Беласица грми по поразот од Шкупи: Иванов судеше – срамно!

Екипата на Беласица загуби во денешната пресметка на на гости против Шкупи (1-3), во меч од 14. коло од Првата фудбалска лига на Македонија (ПФЛМ), а по мечот искажа голем револт во однос на делењето на (не)правдата на главниот судија, Игор Иванов.

Струмичани велат дека судењето било срамно и дека не се досудени два чисти пенали, наспроти еден непостоечки за чаирчани. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост.

„Сакаме да им честитаме на борбеноста, упорноста и фантастичната игра на нашите фудбалери во текот на сите 90 минути и тоа против екипа претендент за шампионската титула оваа сезона, но истовремено, сакаме да го нагласиме срамното судење на првиот судија Иванов Игор, кој досуди непостоечки пенал за ФК Шкупи, додека за нашата екипа не досуди во два наврата чисти пенали. Притоа, сакаме да напоменеме дека при одлуката за пенал за ФК Шкупи, Иванов најпрво одмавна со рацете, наговестувајќи дека нема пенал, за потоа да си ја преиначи сопствената одлука без сугестија на ниту еден од неговите помошници“, велат од прволигашот од Струмица.

Беласица се бори за опстанок во ПМФЛ, а за тимот ова беше прв пораз во последните пет натпревари.