Александар Влахо е нов тренер на Работнички

По катастрофалната сезона, големи промени во редовите на Работнички. Нов шеф на стручниот штаб е Александар Влахо. Младиот тренер потпиша двегодишен договор со клубот од Скопје.

Претседателот на Работнички, Драган Поповски е среќен што Влахо е нов тренер на клубот.

„По преговорите со неколку домашни и странски стратези, донесовме одлука Александар Влахо да биде именуван за нов шеф на стручниот штаб на Работнички. Се работи за млад домашен стратег кој има ПРО лиценца, добро го познава македонскиот фудбал, а истовремено има и одредено интернационално искуство. Низ разговорите се покажа дека има визија речиси идентична со нас за развојот и напредокот на ФК Работнички, гладен е за успеси и добива шанса да се докаже на кормилото на нашиот тим“, кажа Поповски.

Младиот стретег исто така го искажа своето задоволство.

„Би сакал да се заблагодарам на претседателот Драган Поповски и раководството на Работнички за довербата, се надевам дека максимално ќе ја оправдам со напорна работа и со успешни резултати. Не очекува многу работа, клубот е во фаза на формирање на нов тим, а максимално ќе бидеме посветени и да ја задржиме стратегијата за форсирање на млади фудбалери од младинската школа“, изјави Александар Влахо.

Влахо претходно беше асистент на Гоце Седловски во Вардар и Широки Брег. Првата прозивка за новата фудбалска сезона, Александар Влахо ќе ја изврши на 26 јуни, со почеток во 18 часот, во клупската база на Работнички.