Академија Пандев не ја прифати оставката на Стојчев

Академија Пандев не ја прифати оставката на својот тренер Ѓорѓе Стојчев, кој после два меча без победа вчера најави заминување од тимот, што е неочекувано, зашто станува збор за мини-криза, а плус трумичани сѐ уште се во тесната трка за место во Европа во следната сезона.

Академија Пандев влезе во мини-криза со поразот со пресврт од Скопје на свој терен (1-2), а вчера во Велес во вонредното коло ремизираше 1-1 со Борец, па Пандевци сега се на делба на третото место со исто бодовно салдо со Македонија ЃП, а два бода зад второпласираната Шкендија.

Стојчев седна на клупата после заминувањето во Сараево на Александар Васоски, па од таборот на струмичкиот прволигаш посочуваат дека изборот на Стојчев не бил краткорочен, туку долгорочен план за иднината и дека актуелниот кормилар е една од најважните алки, па избрзани решенија за негово заминување се неприфатливи.

„На денешниот состанок на Управниот Одбор на клубот беше разгледена понудената оставка од страна на Шефот на стручниот штаб на сениорскиот тим - Ѓорге Стојчев. Сакаме да ја информираме јавноста дека понудената оставка НЕ Е ПРИФАТЕНА. Управниот Одбор, сите вработени, како и сите кои на било каков начин се поврзани со клубот целосно ја даваат поддршката на тренерот Ѓорге Стојчев, а убедени сме дека резултатската криза ќе се надмине веќе во наредните натпревари. Решението за назначување на Стојчев за тренер на сенирскиот тим не е случајно и го сметаме за најважна алка во градењето на тимот во иднина“, објавија струмичани попладнево.