Ацо Стојков ја засилува Академија Пандев

Македонскиот прволигаш Академија Пандев ќе се засили со најзвучното име пред стартот на сезоната и ќе го ангажира доскорешниот фудбалер на Вардар, Ацо Стојов, поранешниот македонски репрезентативец, кој треба да го засили нападот на „пандевци“, објави струмичката телевизија „Канал Вис“.

Стојков е еден од плејадата струмички фудбалери, кои на почетокот на овој век излегоа од школата на Беласица заедно со Горан Пандев, браќата Попови, Зоран Балдовалиев..., па по 17 години, струмичанецот сега треба да се врати во родниот град и да заигра во клубот кој го формираше неговиот соиграч и пријател Пандев. Токму Стојков заедно со Пандев во 2001 година заедно заминаа од Беласица во младинскиот погон на Интер, по што напаѓачот потоа играше за многу клубови во странство.

Како што објави струмичката телевизија Стојков во новата сезона ќе игра со бројот 77 и веќе го потпишал договорот, но засега од клубот нема официјална потврда за засилувањето. Покрај Стојков во Академија Пандев доаѓа и доскорешниот фудбалер на кратовски Силекс, Филип Тимов, кој е поранешен фудбалер на Турново, Копер, Арис Лимасол...