Земјотрес во Риека: Должат 18 милиони евра, најдобрите играчи си одат, меѓу нив и Жута!

Поранешниот хрватски шампион Риека, чии членови се македонскиот репрезентативец Дарко Велковски и поранешниот член на националната селекција Леонадр Жута се наоѓа во големи проблеми, зашто клубот должи 18 милиони евра.

Првиот човек на Риека, Дамир Мишковиќ објави дека клубот се наоѓа во голем проблем поради големиот долг и тоа се пари кои клубот мора да ги врати на компанијата „Социал Спорт“ од Италија, сопственост на Италијанецот Габриеле Волпи. Оваа компанија го изгради тренинг-кампот на Риека, како и модернизацијата на стадионот „Руевица“, зашто во тој момент Риека не можела да земе кредит и да го финансира тоа преку хрватските банки.

Мишковиќ објавил дека исплатата на кредитот оди многу бавно, па поради тоа следува веројатно „распад“ на тимот во овој облик, што значи заминување на најдобрите фудбалери во зимскиот и веројатно летниот преоден рок. Продажбата сепак нема да биде туку-така, туку во клубот се надеваат дека ќе добијат задоволителни понуди кои би ги прифатиле.

Според хрватските медиуми прв што веројатно ќе си замине е Бразилецот Хербер, потоа Срѓан Граховац, додека Александер Горгон и Жута имаат договори до крајот на сезоната, но новата соработка не ја прифатиле, поради намалувањето на платата.