Вучиќ: На вечното дерби со ковид-19 можеа да се заразат само „партизановци“

Во Србија мерките на претпазливост за заштита од ковид-19 беа ублажено најрано од сите земји во регионот. Дел од фудбалските натпревари се играа со присуство на публика и покрај тоа што пандемијата и натаму беше присутна.

Во последните денови кај нашиот северен сосед има сериозно покачување на бројот на нови заболени од коронавирусот. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги коментираше информациите дека удел во тоа имале фудбалските натпревари, кои биле отворени за навивачите.

„Уште при првиот бран, фудбалските натпревари ги затворивме последни, тоа беше одлука на струката. Рекоа дека шансата за зарараз на отворено е многу помала. На „вечното дерби“ (Партизан - Црвена Звезда) можеа да се заразат само навивачите на Партизан, бидејќи тие имаа причина за заедничко радување. Имате ли доказ дека фудбалерите на Звезда се заразиле со коронавирусот баш на дербито?“, изјави Вучиќ за „РТС“.

Освен големото дерби во Србија беше дозволена публика и на други натпревари, како последниот натпревар во сезоната помеѓу Црвена Звезда и Пролетер, кога „црвено-белите“ ја славеа шампионската титула. Следниот ден клубот објави дека петмина фудбалери се позитивни на ковид-19, меѓу кои и еден фудбалер кој играше на натпреварот со Пролетер. Позитивен беше и директорот на клубот, Звездан Терзиќ.