Во Србија продолжи фудбалот и Звезда со убедлива победа се круниса за - првак!

На денот кога ја прослави 29-годишнината од европската титула во Бари, Црвена Звезда ја закачи 31-та ѕвездичка со крунисувањето за старо-нов шампион на Србија, после убедливите 5-0 вечерва на Бањица против градскиот ривал Рад во првото коло по рестартот на сезоната прекината поради пандемијата со коронавирус.

На Звезда ѝ требаше победа за да ја верификува шампионската круна, откако ФСС налик ФФМ реши да направи урнебесен систем и со само уште четири кола да го дозаврши првенството во кое нема испаѓање, а клубовите „се согласиле“ да се прошири лигата на 20 клубови (досега беа 16).

Дека двојниот учесник во ЛШ по ред нема да има проблем за 31-та шампионска титула се виде уште во првиот дел, кога Мирко Иваниќ од пенал, Срѓан Бабиќ и Алекса Вукановиќ погодија за 3-0, а во вториот дел Милош Дегенек и Вукановиќ со втор гол ја запечатија убедливата победа.

Но, како и во текот на сезоната и на овој меч повторно еден пенал ќе крене огромна прашина за статусот кој црвено-белите го имаат од судиите, на што најмногу се жали Партизан дека постојано им се судат сомнителни пенали.