Во несреќа ги изгубил пријателите и раката, а сега сака да стане судија! (ВИДЕО)

Приказната ни доаѓа од соседството, односно од Марибор, кога се случила голема трагедија во 2016. година и два фудбалери на нивниот втор состав ги изгубиле животите во сообраќајна несреќа.

Марјановиќ изгубил контрола врз возилото и се удрил во семафор, а заедно со него животот го изгубил совозачот Баљак додека другите два фудбалери успеале да го преживеат овој страшен настан.

Липушчек се извлекол со полесни повреди, а Моравац бил тешко повреден и на крајот успеал да ја добие најголемата битка со смртта и да остане жив, но за жал раката морала да му биде ампутирана.

Три дена бил во кома, а откако се разбудил дознал трагични вести за своите соиграчи, но љубовта кон фудбалот му помогнала да оздрави.

„Кога завршив средно училиште, одлучив да му се посветам на фудбалот. Од тоа сакав да живеам и тоа ми беше најголема желба. За несреќата.. тоа беше сосема обичен ден. Се разбудив, доручкував и се подготвив за тренинг, а потоа се случи ужасот“, вели Моравац.

Тој сосема обичен ден им се претворил во хорор, а несреќата донела и некои неповратливи загуби, но сепак Моравац никогаш не се откажал.

„Ми беше потребно време да се навикнам на новиот живот. Не е толку тешко, колку што мислат луѓето. Едноставно мора да бидете доволно силни. Си реков дека долг е животот пред мене и дека имам шанса нешто да создадам. Бев спортист, кој секогаш сакаше да се докажува. Способен сум за успех, ја преживеав несреќата и тоа е привилегија, која ве тера да размислувате позитивно. Верувам дека сите може да бидат дел од фудбалот, а мојата желба сега е да станам фудбалски судија“, вели младиот Србин.