Велковски: Конечно сум здрав! Македонците играат подобро фудбал од Хрватите!

Макеоднскиот репрезентативен стопер Дарко Велковски после повеќе од четири месеци рехабилитација од повредите, конечно се врати на теренот и сега конкурира за првиот тим на Риека на овие зимски подготовки во Португалија, каде веќе настапи на два меча со германски Волфсбург и швајцарски Сервет.

Велковски замина во Риека како слободен фудбалер од Вардар летоска, откако црвено-црните во пролетниот дел од минатата сезона го пратија во младинскиот тим по неговото одбивање да ја продолжи соработката, а откако тргна со хрватскиот првак, двапати се повреди, па одигра само еден меч во Купот.

„Долго чекав на овој момент, потполно да се рехабилитирам и со полна сила да тргнам во подготовките. Сјајно се чувствувам, тимот е одличен, тренерот исто така, а јас – конечно сум здрав! Сè уште ја градам самодовербата, но немам страв од дуели, зашто повредите не дојдоа од дуели, туку беа последица на спринтови, во промена на правец. Со Волфсбург бев лош, многу подобар бев со Сервет, па ако здравјето ме послужи ќе биде потребно само мечеви за да влезам во форма“, вели Велковски.

Тој потенцира дека има голема желба да игра во Шпанија, а на Хрватите им порача дека Македонците се подобри фудбалери од актуелните светски вицепрваци.

„Долгорочен план? Да играм во Шпанија. А, кој игра подобар фудбал Македонците или Хрватите? Вие сте втори на светот, но ние сме подобри!“, порачал Велковски.

Големи пофалби за Велковски доаѓаат и од тренерот Игор Бишчан, кој очекува дека ќе го има здрав и во форма во битката со Динамо за шампионската титула, иако „модрите“ имаат сериозна предност на табелата.

„Две работи се сигурни – прво дека Дарко е навистина квалитетен играч и второ дека не може да биде на нивото веднаш како пред повредата. Тоа што никој не го знае е колку време ќе му треба да влезе во оптимална форма и во полн натпреварувачки ритам. Најважно е дека конечно е здрав, а другото ќе го работиме во од“, вели Бишчан.