Велкоски во друштво на Модриќ – меѓу четирите најдобри странци во историјата во БиХ!

Македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски, кој е капитен и член на старо-новиот првак во Босна и Херцеговина, Сараево се најде меѓу четирите најдобри странци во историјата на фудбалот во оваа поранешна држава од Југославија, откако таа е независна по крвавиот распад во 90-те години.

Велкоски во изборот на еден од најпознатите весници во БиХ, „Ослобоѓење“ влезе во друштво на суперѕвездата Лука Модриќ, бившиот најдобар светски фудбалер (2018 година) и актуелен член на Реал Мадрид, а меѓу четирите најдобри во историјата се и Сенегалецот Бубакар Диалиба, екс-фудбалер на Железничар, како и Бразилецот Вагнер Сантос Лаго, кој играше за Посушје и Широки бријег, а е најдобар стрелец во историјата на во босанскиот фудбал со 125 голови.

Велкоски е прв фудбалер во историјата на Сараево кој има три шампионски титули со овој клуб, а најдобриот период на „бордо тимот“ од независноста на БиХ е врзана со македонскиот репрезентативец, кој играше во два мандати на „Кошево“. Дојде во 2014 година и играше до 2016, кога првпат освои титула, а по враќањето од Јужна Кореја, сега има две титули по ред со сараевчани. Досега има 47 гола на 136 меча и е еден од најомилените играчи на навивачите.

Инаку Модриќ со само една сезона во Зрињски на заем од Динамо Загреб ја доби „титулата најдобар странец на сите времиња“ и во таа сезона беше прогласен за најдобар фудбалер во БиХ, а потоа преку Динамо замина во Тотнем, па во Реал Мадрид и освои буквално сè што можеше да се освои.