Велкоски по евроголот „а ла Зидан“: Знам дека од мене се очекуваат голови!

Поранешниот македонски репрезентативец Крсте Велкоски го воодушеви вчера регионот откако постигна прекрасен гол во Мостар против Вележ за победа и понатамошен пласман на Сарајево во Купот на БиХ.

Велкоски буквално го ископира славниот гол на Зинедин Зидан од финалето во Глазгов во 2002 година во ЛШ и ги собра овациите и аплаузите од навивачите на еден од големите фудбалски брендови во бивша Југославија, кој сезонава игра во второлигашка конкуренција.

„Дадов гол со кој победивме и нормално е дека сум среќен. Арно ама повеќе ме радува фактот што поминавме понатаму. Кој ќе даде гол не е баш многу важно, зошто клубот е над сите нас. Јас знам дека од мене се очекуваат голови, но сезонава играм малку подефанзивно и се обидувам да создавам шанси за соиграчите. Се случува дури и да не влезам во противничкиот шеснаесетник. Сепак, јас сум задоволен со игрите, а сигурен сум дека головите ќе дојдат“, рекол Велкоски, кој е капитен на „бордо тимот“.

Велкоски посака Вележ експресно да се врати во Премиерлигата на БиХ.

„Изненаден сум од нивото на игра и се гледа дека не се залудно прво во Првата лига. Баш затоа, а и поради оваа прекрасна публика, поради атмосферата на стадионот од идната сезона посакувам Вележ повторно да биде дел од Премиерлигата“, додал Велкоски.