Велкоски му даде гол на шампионот, ама Сарајево не издржа за да победи во Мостар (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски, кој по подолго време повторно доби повик во македонската репрезентација за претстојните последни два меча во Лигата на нации, денеска постигна нов гол за Сараево за да покаже дека е во добра форма и дека може да им помогне на жолто-црвените за мечевите со Лихтенштајн и Гибралтар.

Велкоски со својот Сарајево денеска играше дерби во Мостар против актуелниот босански шампион Зрињски (2-2) и девет минути ги делеа сараевчани од голем триумф на дербито, откако „бордо“ тимот успеа да направи пресвт во вториот дел од мечот. Македонскиот напаѓач, кој е капитен на Сарајево постигна гол во 61-та минута од пенал, а комплетен пресврт направи Адукор со гол десет минути подоцна.

Но, Немања Библија не дозволи Сарајево да замине од Мостар со триумф, па вторпат погоди во мрежата на девет минути пред крајот, откако тој во 11-та минута го отвори мечот со првиот гол. Сарајево со ремито сега остана на иста дистанца од Зрињски со пет бода предност по 17-то коло во Премиерлигата на БиХ.