Тричковски: Не е лесно после промашен пенал да дадеш два, голем е притисокот...

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски во 98-та минута од мечот со втор гол од пенал му обезбеди бод на својот АЕК Ларнака во дербито со Омонија во кипарскиот шампионат (2-2), реализирајќи два пенали откако по десет минути игра првиот го промаши.

Не е лесно за фудбалер после промашување од белата точка да се врати психолошки и потоа да реализира два по ред, од кои еден клучен на крајот од мечот, кога од тој удар зависат бодовите. Македонскиот фудбалер успеа да ја надмине таа психолошка бариера, па практично со двата гола од пенали го прослави новиот договор кој го потпиша со својот клуб неколку дена претходно, со што останува на Кипар до 2022 година.

„Не е лесно после промашен пенал. Притисокот е голем, огромен. Но, јас имам искуство и знам да ги исконтролирам емоциите. Драго ми е што после тоа ги погодив следните два пенали. Ова беше луд меч, но за фудбалот ова фантастично. Двата тима одиграа вистинско дерби, имавме многу шанси. Можеби ќе беше поинаку ако го погодев првиот пенал, но... Резултатот не е таков како што посакувавме, но треба да сме среќни што спасивме еден бод“, признава Тричковски за синоќешниот меч.

Моментно најдобриот наш фудбалер според формата, сооглед дека има 12 гола досега сезонава ја продолжи соработката со АЕК, со кој лани играше во групната фаза од Лига Европа, а од јануари навака е во таква голгеерска и незапирлива форма, со што ги урна клупските рекорди.

„Многу сум среќен за новиот договор. Кога соиграчите ти веруваат, кога клубот и навивачите те сакаат, тогаш нема причина да си несреќен. Многу сум благодарен за тоа што го доживеав во овој клуб и за тоа што ми го понудија. Сега само гледаме кон следните мечеви, цели и предизвици“, додава Тричковски.