Тричковски: Не е лесно да се дадат 101 гол и нема да застанам тука!

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски блесна вчера за својот АЕК Ларнака со хет-трик за 22 минути во првото полувреме за да му донесе прва победа по пет меча без триумф на својот тим, а вториот гол му беше јубилеен – стоти во кипарското првенство.

Поранешниот фудбалер на Енозис и АПОЕЛ, кој од 2016 година игра во АЕК сезонава стигна до девет погодоци, а со хет-трикот најави дека допрва уште ќе ги тресе мрежите на Кипар, особено откако лани во прекинатата сезона стигна до 20 погодоци, а пропушташе и периоди поради повреди. Севкупно, популарниот Тричко веќе има 101 гол само во првенството на Кипар, од кои 75 му се во дресот на актуелниот клуб.

„Не е лесно да се дадат 101 гол, но многу сум горд на овие бројки, зашто се остварени со напорна работа, од година во година. Вакво нешто бара многу посветеност и работа, но без соиграчите е тешко да се оствари. Сепак фудбалот е тимски спорт и јас им благодарам за сѐ. Но, нема да запрам тука, ќе продолжам да давам голови. Сакам да продолжам колку што е можно повеќе за да ја кренам 'летвичката' што е можно погоре“, вели Тричковски.

Тој е стандарден член на македонската репрезентација и летово го очекува дебито со Македонија на Европското првенство, после историскиот пласман во Грузија со триумфот со 1-0 во ноември.