Сите бегаат од Кина поради коронавирусот, партизановец замина на печалба во второлигаш

Откако пред крајот на минатата година се појави коронавирусот во Кина, речиси сите странци почнаа да бегаат од најмногубројната земја на светот, а сега кога полека вирусот се шири низ светот, првата ѕвезда на белградски Партизан реши да си замине пред вечното дерби баш во Кина.

Зоран Тошиќ, кој своевремено направи трансфер и во Манчестер јунајтед беше на праг да замине во казахстански Каират, но во последен момент наместо таму оди во кинескиот второлигаш Тајзу Јуанди. Вчера Партизан го победи Пролетер во вонредното коло од српската Суперлига, а Тошиќ поради завршувањето на преодниот рок веднаш заминува и нема да биде дел од црно-белите за неделното вечно дерби со Црвена Звезда.

Очигледно дека Тошиќ нема никаков страв од коронавирусот, кој е засега најраспространет во Кина, па без проблем го прифати договорот за две години со опција за уште една.

„Јас можам само да му посакам сè најдобро во продолжение на кариерата. Тој многу го задолжи овој клуб и навистина искрено од срце му благодарам за сè што направи. Тој е фантастичен играч и нека го послужи здравјето“, рече Саво Милошевиќ, тренерот на црно-белите.