Репрезентативниот голман Шишковски ја има најдобрата одбрана на Кипар (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативен голман Дамјан Шишковски ја има најдобрата одбрана на Кипар за седмото коло во кипарскиот шампионат, откако имаше фантастична интервенција против АЕК Ларнака на македонското трио Иван Тричковски-Стефан Спировски-Даниел Мојсов.

Одбраната на Шишковски е избрана за број еден, пред таа на доскорешниот вардаров голман и екс-репрезентативец Филип Гачевски во најсилната кипарска лига.

Шишковски летоска направи трансфер во Докса, откако претходно во два наврати бранеше за Работнички, а имаше излети и во Финска во досегашниот дел од кариерата.

Младиот голман од септември наваму запиша четири настапи за македонската репрезентација, бранејќи на мечевите со Ерменија (2-1), Грузија (1-1) и Естонија (3-3), а ги одигра и последните 20 минути од втората пресметка со Грузија (1-1) во Скопје, откако „единицата“ Столе Димитриевски на тој меч доби црвен картон.