Работнички го продаде најголемот македонски бисер за 200 илјади евра, а Хајдук својот за - осум милиони!?

Дека Динамо Загреб е фабрика за пари од трансфери одамна е познато, ама очигледно второто место на СП во Русија ептен ја крена цената на хрватските таленти, па вториот гигант од Хрватска, Сплитски Хајдук е на чекор да го продаде својот најдобар младинец на англиски Манчестер сити за осум милиони евра.

Станува збор за фудбалерот Анте Палаверса (19), кој е капитен на младинската селекција до 19 години на „коцкестите“ и менаџерот на англискиот првак Пеп Гвардиола во него гледа замена за Брзилецот Фернандињо во следните неколку години. Трансферот го објави еден од најпознатите новинари од Италија, Џанлука Ди Марцо, кој важи за чивек со најрелевантни извори за трансфери на европскиот фудбалски пазар.

Според информациите, Манчестер сити ќе го купи Палаверса за осум милиони евра, но ќе го остави младиот фудбалер на уште шест месеци калење на „Пољуд“.

И како за споредба, Хајдук својот најголем талент го продава за баснословна сума на пари барем на овие простори, а скопски Работнички пред 18 месеци го продаде најголемиот македонски бисер Елиф Елмас за нецели 200 илјади евра. И тоа не беа пари за трансфер, туку тренинг-компензација, што само јасно отсликува каква е вредноста на македонските фудбалери во споредба со хрватските и колкаво влијание ираат репрезентативните успеси на земјата за да се крене цената на еден играч.

Како за споредба Манчестер сити исто така во летото 2017 година бше заинтересиран да го земе Елмас, но младиот фудбалер замина во Фенербахче, а интересот на „граѓаните“ и натаму не стивнува, иако сега во последно време се најавува голем трансфер на младиот фудбалер за врска во Лацио, Борусија Дортмунд, Реал Мадрид...

Интересно ако се спореди Палаверса и Елмас се идентични. Играат речиси на исти позиции, капитени на младинската селекција до 19 години, најдобри играчи во генерацијата. Разликата е само што Палаверса е Хрват и игра во великан како Хајдук, а Елмас е Македонец кој игра за Работнички, кој е неспоредливо помал клуб во однос на хрватскиот великан.

Инаку во изминатите години, Динамо е број еден за трансфери, летоска го продадоа својот дефанзивен бисер Филип Бенковиќ за 15-на милиони евра, имаат тројца во последната деценија кои ги продадоа за над 20 милиони. Белградски Партизан во минатото беше број еден за трансфери во Србија, продавајќи еден куп свои млади ѕвезди (Живковиќ, Марковиќ, Љаиќ, Тошиќ... за солени суми на пари), а Црвена Звезда откако повторно фудбалски „воскресна“ во изминатата година веќе заработи само од трансфери 20-на милиони евра, што сето тоа покажува дека со правилна работа, сериозни инвстиции и добри резултати, фудбалот е бизнис кој на овие простори може да овозможи добар живот на клубот и играчите.

За жал во Македонија, инвестициите или се премали или ако ги има, се намалуваат, па оттаму ниту првенството е интересно, ниту пак клубовите имаат сериозен капацитет да напредуваат и на крај најмногу страдаат младите таленти, чии места им ги земаат анонимни странски фудбалери, кои божем доаѓаат да го кренат квалитетот на македонскиот фудбал.