Нов знак за крај на љубовта: Лука Модриќ одбил да тренира со Реал Мадрид?!

Сагата околу евентуалното заминување на фудбалскиот магионичар Лука Модриќ од Реал Мадрид и понатаму ги полни насловните страници на светските медиуми, а последна вест е дека судбината на Хрватот ќе биде решена денеска, откако тој побарал да не тренира сѐ додека не биде решен неговиот проблем.

Челниците на мадридскиот гигант позитивно одговориле на неговото барање, што значи дека тој со една нога е веќе заминат од „Сантијаго Бернабе“ и само се чека начинот на кој овој трансфер ќе се реализира и за колку пари. Многу работи ќе бидат далеку попознати по денешниот состанок на Модриќ со првиот човек на Реал, Флорентино Перез, по што ќе стане јасно дали тој ќе замине во Интер.

Официјалната откупна клаузула за хрватскиот ас изнесува неверојатни 750 милиони евра, но „сребрениот“ од Мундијалот во Русија се надева дека претседателот на „кралскиот клуб“ ќе остане доследен на дадениот збор дека ќе го пушти да си оди за разумна отштета. Главен проблем во нивните релации во моментов е фактот што агентите на Модриќ веќе целосно се договориле со Интер без воопшто да го прашат Реал, но најверојатно и ова недоразбирање ќе биде надминато за бенефит на сите страни.