Прв гол за Зајков за Славија Софија, ама бодот им избега во 96-та минута (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Ѓоко Зајков го постигна својот сефте гол за Славија Софија, откако во минатиот месец пристапи на овој клуб откако избега од виорот на војната од Украина, после тридневна голгота од Полтава кон Унгарија, па денеска погоди во поразот кај Ботев Враца со 1-2.

Зајков од зимава стана член на Ворскла откако есеноска играше за Левски, но после руската агресија фудбалот во Украина запре, а фудбалерите добија шанса во вонреден преоден рок да најдат привремено прибежиште, па македонскиот стопер се врати во Бугарија и веќе на својот втор меч за новиот клуб даде гол. Само што тој не беше доволен ни за бод.

Зајков погоди по корнер на гостувањето во Враца кај Ботев во 69-та минута и кога сите очекуваа реми, откако домаќините уште во првиот дел поведоа, следеше шок за Славија. Во 96-та минута, Ботев даде втор гол за победа.

Зајков, кој е еден од десетината младински репрезентативци од златната генерација кои беа во А-селекцијата, во минатиот месец не беше на списокот на селекторот Благоја Милевски, зашто не беше во натпреварувачки ритам, а дотогаш беше постојано повикуван во националниот дрес.