„Помисливме што ако полуди и почне да пука со пиштолот?“

По невидениот скандал кој синоќа се случи на „Тумба“ во Солун во дербито за титула помеѓу ПАОК и атински АЕК, кој беше прекинат во судиското надополнување откако во теренот влета газдата на црно-белите Иван Савидис наоружан со пиштол, тренерот на атинскиот тим Маноло Хименез шокиран од случувањата објасни што сè случувало на теренот во тие хаотични моменти.

ПАОК даде гол преку Варела, но судијата Јоргос Коминис потоа го поништи од офсајд за да означи почеток на лудилото и безредието, што се случи. Савидис со пиштолот на него, влета на теренот за да се пресмета со Коминис.

„ПАОК даде гол од офсајд и судиите го поништија и потоа почна хаосот. Одеднаш на терен се најде стар господин со телохранителите околу него. Ми рекоа дека е претседател на ПАОК. Отиде кај судијата, а потоа дојде и до нашата клупа. Почна сите да ги загрозува“, вели Хименез во сведоштвото за шпанска „Марка“, додавајќи: „На почеток не се плашевме за безбедноста, но потоа кога ги видовме фотографиите со пиштолот, прво што помисливме беше: 'А, што ако полуди, можеби ќе го извади пиштолот и ќе почне да пука'. Ние не ни знаевме дека има пиштол на појасот. Подоцна бевме во шок. Ова е ненормално. Не е нормално еден претседател да се однесува вака.

Инаку, на ПАОК му беа вратени трите бода кои претхоно грчката федерација им ги одзема на солунците поради инцидентот и неодиграниот меч со Олимпијакос, кога погоден во носот беше тренерот на атинскиот гигант и актуелен шампион Оскар Гарсија

„На ПАОК му беа одземени бодови, но вчера им ги вратија и тие повторно се најдоа во ситуација да се борат за титулата. Нешто мора да се направи, некој мора да им застане на патот на овие луѓе. Вакви работи се случуваат постојано во Солун. Вака им беше и на Олимпијакос и на Панатинаикос... Тажна слика. Оваа земја не го заслужува сето ова“, потенцирал Хименез.

Полицијата ги чувала гостите од Атина, кои по хаосот на „Тумба“ преспаа во Солун, а утрово заминаа кон престолнината.