Панчев: Да сум малку помлад па повторно да му дадам гол на Динамо

Постои можност Црвена Звезда и Динамо Загреб да ги одмерат силите во плејофот за пласман во групната фаза во Лигата на шампиони. 

За да се случи една ваква голема пресметка од поранешна Југославија, српскиот и хрватскиот шампион треба да ги минат Шериф Тираспол, односно Легија. По првите натпревари на домашен терен и Звезда и Динамо имаат идентични 1-1, па пласманот во плејофот треба да го обезбедат на гостински терен. 

Српските медиуми направија интервју со Дарко Панчев за потенцијалните дуел на Црвена Звезда и Динамо Загреб. Македонската легенда жали што не е помлад па повторно да заигра за белграѓани и да постигнува голови против „модрите“, како што тоа го правел редоводно додека важеше за еден од најдобрите голгетери во Европа.

„Многу ми е жал што не сум помлад па да им помогнам на Станковиќ и Терзиќ, бидејќи на Динамо редовно му давав голови“, изјави Панчев за „Информер“. „И во дресот на Звезда и во дресот на Вардар. Од најголемите клубови во поранешна Југославија, на Динамо му давав најмногу голови. Мислам дека баш на тој последен натпревар со Звезда постигнав два гола против Динамо. Тогаш се мислеше само на фудбал, а би сакал пак да биде тоа случај и сега“, вели популарниот Кобра.

Последниот натпревар во југословенската лига Динамо и Звезда го одиграа на 18 мај 1991 година. Тогаш Хрватите славеа со 3-2, а двата гола за српскиот тим ги постигна Панчев. Македонецот очекувано има повеќе симпатии кон Звезда и во еден потенцијален дуел, сака белградскиот состав да оди во Лигата на шампиони.

„Динамо во последните 15 години е навистина доминантен, имаше многу успеси и редовно игра во европските натпреварувања. Истото може да се каже и за репрезентацијата на Хрватска, која беше светски вицешампион во 2018 година. Меѓутоа, и Звезда е фантастична изминатите неколку години. Она што е најважно е фактот дека на Динамо, Звезда секогаш ќе биде онаа голема Звезда и ќе мора да ја почитува. Квалитетот е тука некаде, но јас секако верувам дека Звезда ќе мине понатаму“, додава Панчев.

Нашата фудбалска легенда и поранешна Златна копачка на Европа верува дека ако двомечот навистина се случи, тогаш не би требало да има гостински навивачи.

„Кога веќе УЕФА дозволи натпреварот да се случи, верувам дека нема да има гостински навивачи. Тоа во голема мера ќе ги смири страстите. Во моментов и Звезда и Динамо во своите редови имаат многу странски фудбалери, кои немаат поим што се случувало тука пред 30 години, ниту пак ги интересира. Исто така голем дел од фудбалерите од овие простори се родени по конфликтот и не се затруени како некои постари генерации. Влогот е голем, а тоа е пласман во ЛШ. Кога ќе излезат на терен, сите ќе мислат како да поминат понатаму. Инциденти никому не му одат во прилот“, заклучува Панчев.