Паднал договор за нова соработка: Гецтепе (ќе) го направи Јаховиќ милионер!

Најдобриот стрелец во турското првенство, Адис Јаховиќ по се изгледа ќе остане во Гецтепе и во идната сезона, најавија турските медиуми, откако открија дека македонскиот интернационалец и претседателот на клубот Мехмет Сепил се договориле за продолжување на соработката.

Откако медиумите објавија дека Гецтепе нуди двојно поголема плата од досегашната од 500.000 евра, а Јаховиќ бара трипати повеќе, според турските весници, двете страни се нашле на средина, па Јаховиќ ќе добие нов подобрен договор вреден 1,3 милиони евра годишно.

Јаховиќ никојпат не ја криеше неговата желба да остане во клубот и во Измир, особено од почит кон навивачите, кои на секој меч истакнуваат македонско знаме во чест на својот најдобар фудбалер. Јаховиќ, кој се откажа од македонската репрезентација поради тоа што не добива ни минута, сезонава даде 14 гола во 16 меча кои ги одигра и е вистинска сензација во Турција. Моментно лидерското место го дели заедно со Бафетемби Гомис од Галатасарај и Бурук Јилмаз од Трабзонспор, кои есеноска исто така дадоа 14 гола.

Во моментов, Јаховиќ е на подготовки со Гецтепе пред стартот на пролетниот дел кој стартува идниот викенд и тоа со „македонско дерби“. Јаховиќ со Гецтепе ќе играта против гигантот Фенербахче, за кои би требало да дебитира македонскиот бисер Елиф Елмас.