Откриени сите понуди за Елмас – најголемата и најсериозна е од Мадрид!

Макеоднскиот бисер Елиф Елмас веќе со месеци е во фокусот на најголемите европски клубови, кои силно посакуваат да го ангажираат, па во последно време веќе на адреса на Фенербахче стигнале неколку официјално понуди и барем засега како што објавија турските медиуми – најсериозната е од Мадрид.

За Елмас во последниве шест месеци интерес покажаа Реал Мадрид, Манчестер сити, Ливерпул, Тотнем, Лацио, Фиорентина, Борусија Дортмунд, Интер, Атлетико Мадрид... Листата е предолга на клубови кои го посакуваат младиот фудбалер за врска, а според турските медиуми барем засега на адреса во Истанбул, најсериозен е Атлетико Мадрид.

Тимот на Диего Симеоне испратил официјална понуда од скоро 20 милиони евра, што е најголема во моментов, откако во изминатите неколку недели во Истанбул, Фиорентина понудила 10 милиони евра, Тотнем испратил понуда од 15 милиони, а вчера и Интер пратил понуда од 18 милиони евра.

Засега овие четири понуди стојат како официјални, со конкретни цифри, иако постојат најави за уште неколку гиганти кои сериозно се заинтересирани и допрва планираат со такви официјални понуди да влезат во трка. Пред неколку дена, турските меидуми објавија дека Фенербахче на сите заинтересирани страни им порачал дека Елмас не се продава за помалку од 20 милиони евра, но Турците може да ќарат и повеќе сооглед на битката која пред стартот на летниот преоден рок се води за Елмас.

Останува прашањето дали Елмас навистина ќе си замине, зашто младиот фудбалер најави дека сè уште му е рано да замине во Западна Европа, но финансиските проблеми со кои се соочува Фенербахче и долгот од преку 60 милиони евра веројатно ќе го натераат турскиот гигант да го продаде својот највреден фудбалер за да покрие најмалку третина од тој долг.

Елмас има договор со Фенер до јуни 2022 година, а дојде во август 2017 за 180.000 евра транинг-компензација од Работнички. Во последно време игра фантастично, па покрај двата гола за Македонија против Летонија (3-1), кои беа негови сефте голови во националниот дрес, Елмас изминатиот викенд го реши и турското класико со гол против Галатасарај за реми 1-1 и тоа во момент кога Фенербахче играше со фудбалер помалку.