Нов репрезентативец доаѓа на Кипар: АЕЛ Лимасол го сака Кире Ристевски?

Кипарски АЕЛ Лимасол, чиј член е младинскиот репрезентативец Давор Здравковски посакува да го ангажира сениорскиот репрезентативен дефанзивец Кире Ристевски, членот на унгарски Ујпешт, најавуваат медиуми од Кипар.

Според информациите на кипарските медиуми, тренерот на АЕЛ Лимасол Душан Керкез дал зелено светкло за клубот да тргне во акција за да го купи Ристевски и да се договори со Ујпешт за негов трансфер. Керкез смета дека македонскиот дефанзивец би бил добро засилување за одбраната и сега се очекува кипарскиот клуб да почне преговори, но сѐ зависи дали финансискиот дел би бил задоволителен за Унгарците, ама и за дефанзивецот за тој да се пресели во клубот.

Во моментов на Кипар играат низа македонски репрезентативци, од Иван Тричковски и Стефан Спировски (АЕК Ларнака), Дамјан Шишковски (Докса), Мартин Богатинов (Етникос Ахна), а македонската колонија е огромна во оваа земја зашто тука се и Даниел Мојсов, Дарко Глишиќ (АЕК Ларнака), Душко Трајчевски (Докса), Филип Гачевски (Енозис), Јован Костовски (Етникос)...

Ристевски од 2006 година игра во Унгарија, прво беше дел од Вашаш, а од 2018 е член на Ујпешт. Претходно играше во албанските Елбасан, Билис Балиш и Тирана, во бугарска Славија Софија, а во Македонија беше дел од Пелистер и Работнички. За Македонија игра од 2014 година и има 42 настапи.