Нема крај на малерите: Велковски пак го повреди бутниот мускул!

Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски нема среќа со повредите, па денеска после само 16 минути се повреди на јадранското дерби Риека – Хајдук и мораше да го напушти теренот, па сега селекторот Игор Ангеловски со страв ќе ги чека прегледите за да дознае за каков степен на повреда се работи.

Според информациите, Велковски повторно ја повредил задната ложа (бутниот мускул) на ногата и во 16-та минута морал да биде заменет од тренерот Игор Бишчан. Македонскиот дефанзивец откако дојде во Риека минатото лето имаше многу проблеми со повредите, посебно со мускулите на бутот, поради кои повеќе паузираше отколку што играше.

Самиот факт дека неполн месец преостанува до клучните квалификациски мечеви со Словенија во Скопје (10 октомври) и со Полска на гости (13 октомври), повредата на Велковски доаѓа во незгоден момент, ако се покаже дека е посериозна од обично истегнување на мускулот.

Ангеловски нема преголем избор на дефанзивци, а Велковски е стандардниот стопер, кој ги одигра и двата меча месецов за Македонија, без оглед што во поголем дел од мечевите воопшто и не играше.