Најдобриот стрелец во шпанската Сегунда ја шокира Србија – ќе игра за Црна Гора

Најдобриот стрелец во моментов во шпанската Сегунда, Урош Ѓурѓевиќ, поранешен репрезентативец во сите младински категории на северниот сосед Србија ги шокира сите во својата татковина, откако наместо за „орлите“ решил да игра за Црна Гора.

Сите очекуваа дека Ѓурѓевиќ можно е да биде едно од освежувањата на новиот српски селектор Драган Стојковиќ – Пикси, но наместо на неговиот список, ќе се најде на списокот на црногорскиот селектор Миодраг Радуловиќ за стартот на мундијалските квалификации месецов и пресметките со Летонија, Грибралтар и Норвешка.

Весникот „Побједа“ објави дека екс-играчот на Црвена Звезда и Партизан, а сега фудбалер на Спортинг Хихон ќе биде на црногорскиот список, па најверојатно Ѓурѓевиќ претходно одлучил да игра за оваа земја, по што изостанал повикот за Србија. Тој во ерата на Славољуб Муслин еднаш бил повикан за настап за Србија, за мечот со Грузија, но не влезе во игра, па нема никакви пречки да заигра за Црна Гора.

Инаку сезонава во Сегунда (втората лига на Шпанија) има 17 гола и според најавите Бетис и Валенсија се тепаат да го ангажираат, но Спортинг Хихон не сака да чуе за трансфер помал од 25 милиони евра.