На „Максимир“ тријат раце: Динамо Загреб за само 25.000 евра си купи талент од Вардар!

Младинскиот репрезентативец Филип Антовски е нов член на Динамо Загреб, но нема да биде дел од првиот тим на „модрите“, туку ќе игра за Динамо 2, каде што ќе треба да се наметне и да се кали, а потоа ако ги покаже своите вредности да заигра за првиот тим.

Антовски е 18-годишниот лев бек, кој важи за еден од најталентираните леви бекови во Македонија заедно со колегата од младинската селекција Михаил Младеновски и тој на „Максимир“ доаѓа за смешни 25.000 евра, колку што загрепчани ќе му платат на Вардар.

„Спортске Новости“ објавија дека зад кулисите на веќе договорениот трансфер имало вистинска битка помеѓу Динамо и Хајдук за потписот на левиот бек. Наводно Хајдук подоцна влегол во игра, па дури и нудел повеќе пари од тоа што Динамо речиси го договорил трансферот, но на крајот пресудило тоа што Антовски, Динамо и Вардар веќе имале постигнат договор за тој трансфер.

Антовски беше единствениот вистински лев бек во Вардар, но не доби премногу шанса во изминатиот период, иако сите посочуваа дека се работи за екстраталентирано момче, кое има голем потенцијал. Антовски беше дел од суперталентираната генерација на Македонија до 19 години, а има повици и за селекцијата до 21 година и важи за голема иднина на македонскиот фудбал.