„На Балканот нема услови за инвестиции – само фрлени пари каде навивачите се главни!“

Српскиот милијардер Милан Мандариќ, кој беше газда на Портсмут, па Лестер во англиската Премиерлига, а неодамна ја продаде љубљанска Олимпија за пет милиони евра објави дека нема намера да фрла пари во фудбалот на Балканот зашто – нема услови, ниту логика за такви инвестиции.

Мандариќ по последните децении се споменуваше како опција да ја купи белградска Црвена Звезда, се споменуваа и други некогашни екс-ју гиганти, но српскиот милијардер од САД едноставно не е заинтересиран, а после авантурата со словенечкиот гигант, посочи дека никогаш повеќе нема да вложува во фудбалот на овие простори. Како главна причина, меѓу другото, а најмногу посочено за Ц. Звезда е дека навивачите се тие што се главни.

„Не е ни прв, а веројантно нема да биде ни последен пат некој да ме праша да дојдам во српскиот фудбал, да вложувам во Црвена Звезда или да помогнам на некој друг клуб. Од Слободан Милошевиќ наваму секој претседател ми се јавил со таква идеја, ама такво нешто не е реално. Каде и да сум влегол да инвестирам, гледав низ призма дека ќе биде исплатливо после некое време, ми беше важно да се гледам себе си во тој клуб. Но, како работите функционираат, што сѐ треба да се направи, со какви луѓе треба да си опкружен, мислам дека е нереално. Не гледам дека тоа е можно. Ете за Ц. Звезда да кажеме, се знае кој таму се прашува“, вели Мандариќ.

Кога го прашале точно да посочи на што мисли околу тоа кој се прашува, ги посочил навивачите.

„На навивачите мислам. Тие се главни. Тешко дека јас би можел да направам разлика. А, не е ни мое, ни на било кој газда да решава такво нешто. Тоа треба(ло) да реши државата, ама не е случај тоа само во Србија. Ме бараа и од Сплит за Хајдук, па од Бања Лука за Борац... Никаде не сакав да одам. Јас помагав во 80-те години, на Ц. Звезда ѝ помогнав да ги донесе Белодедиќ и Пикси. Сега, како стојат работите, немам намера да се плеткам на Балканот. Нема таму добри услови за инвестиција, ниту некаква бизнис-логика“, вели Мандариќ.

Тој е роден во Лика, од каде потоа се преселил во Нови Сад, а пред крајот на 60-те години заминал во САД каде формирал компанија за производство на компјутерски компоненти и потоа се збогатил. Неговото богатство се проценува на две милијарди евра.