„На Адеми му 'излезе' рамото, ама за среќа се врати на место“

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми денеска капитенски го водеше Динамо Загреб на првиот пролетен меч во сезоната во која „модрите“ го прегазија Рудеш со 7-2, но по нешто повеќе од еден час игра фудбалерот за врска мораше да биде заменет.

Адеми речиси двамесеци немаше играно фудбал, беше во тренажен процез, ама денеска малку фалеше да добие посериозна повреда на рамото. Тренерот Ненад Бјелица откри зашто Адеми бил заменет и сето тоа било од претпазливост.

„Сè е во ред со Аријан, повеќе излезе од претпазливост, зашто имаше проблеми со стомачниот ѕид и му треба малку повеќе време за да се врати. Затоа и го заменивме за да не го фати умор и тој да биде преголем. Тој се пожали и на болка во рамото. Му 'излезе', па само се врати. Сега има два дена одмор и се надевам дека повторно сè ќе си биде на место“, вели Бјелица.

Адеми е незаменлива алка во составот на Динамо, кој за десетина дена ќе тргне во пролетната авантура во Европа, откако обезбеди европска пролет првпат по 49 години. Македонскиот репрезентативец имал среќа, зашто малку посериозна повреда на рамото може да го оддалечи од терените и до два месеци (случајот со Мохамед Салах) што би значело да го пропушти стартот евроквалификацискиот циклус кон крајот на март.