„Му ја отворивме устата и му го извлековме јазикот, па некако си дојде на себе, но потоа...“

Младиот спортист Стефан Тодоровиќ во неделата почина на меч меѓу Слога и Јухор, иако немал никакви здравствени проблеми, како што велат неговите соиграчи и тренерот. Во моментов се чекаат резултатите од обдукцијата од болницата, а потоа се планира погреб.

Тренерот на Јухор, Радиша Јовичиќ вели дека Тодоровиќ пристигнал како големо засилување во зимскиот преоден рок и се радувал што повторно ќе играат фудбал по паузата.

„Многу се израдувавме на неговото пристигнување, станува збор за момче кое не пушеше, пиеше и нема пропуштено тренинг. Одамна сме немале таков фудбалер“, вели Јовичиќ.

Тренерот открива како се случил инцидентот и што се случувало на теренот.

„Стефан падна на тревникот и сите се обидоа да му помогнат, меѓу кои и капитенот на домашниот тим. Се обидовме да му ја отвориме устата, да му го извлечеме јазикот за да си дојде на себе. И навистина дојде на себе, но потоа повторно загуби свест. Многу брзо пристигна и итната помош, но ништо не можеше да се направи. Сите сме во шок“, вели тренерот.