Милан Ристовски: Во Словачка се подобрив во главата, па сега мислам само на – Риека!

Младинскиот репрезентативен центарфор Милан Ристовски, братот на заменикот капитен на сениорската селекција Стефан во последно време беше поврзуван со трансфер во германската Цвајта (втора Бундеслига), но како што стојат работите, прва желба на напаѓачот е да остане во Риека.

Помалиот Ристовски за Нитра даде 15 гола во изминатата сезона и блесна во Словачка, па Ауе и Падерборн покажаа интерес да го купат. Сепак, младинскиот центарфор има една поинаква желба, да се обиде низ подготовките сега со матичниот клуб, да се наметне и да остане на „Руевица“.

„Јас сум играч на Риека и само за Риека размислувам, а на мене е да дадам сè од себе и да се обидам да се наметнам кај тренерот Рожман. Хрватската лига е многу посилна и поголема сцена од Словачка, ама би лажел ако кажам дека сите тие приказни (за трансфер во Германија – н.з.) не влијаат на млад играч и кога ќе се крене прашина, нормално е да размислувам за тоа.. Но, се обидувам да се фокусирам на тоа што е важно, а во моментов почетокот на подготовките со Риека. Верувам во себе, подготвен сум за секој предизвик. Јас почнав како јуниор во Риека, бев на позајмици во Кршко и Нитра и мислам дека во Словачка ја искористив шансата која ја имав, ја кренав самодовербата и сега одиме чекор по чекор...“, вели Ристовски.

Тој во словачка Нитра играше на заем, а сега признава дека полн погодок била целата сезона, зашто напредувал психолошки и сето тоа сега ќе му помогне за да се наметне кај тренерот Симон Рожман. 

„Најмногу се подобрив во – главата! Досега бев постојано некаде со паметот меѓу јуниорски и сениорски фудбал, се барав како играч, ама во Словачка сè ми се намести. Напредував и во други сегменти, но мислам дека ментално успеав да пораснам на повисоко ниво од тоа што бев. Плус ја вратив самодовербата која е многу важна за напаѓач и сега се враќам во Риека како подобар напаѓач. Кога разговаравме за мое враќање во Риека, секогаш ми беше желба да се вратам на 'Руевица', да се изборам за шанса и да се обидам да му помогнам на клубот“, додава Ристовски.

Неговиот брат Стефан, кој е дел од Спортинг Лисабон, но летово веќе извесно е дека ќе направи трансфер во клуб од „лига петка“ (Италија или Германија) беше еден од најомилените играчи во Риека. Стефан со овој клуб стигна до двојна круна во 2017 година, по што се пресели во земјата на актуелниот европски првак, Португалија.

„Со Стефан постојано разговарам и неговиот совет е секогаш да верувам во себе и да бидам со мирна глава. Тој ќе биде најсреќен ако го облечам дресот на Риека, а можам да ви кажам дека е еден од најжестоките навивачи на Риека. Јас само се надевам дека ќе успеам да го израдувам“, заврши Ристовски.