Македонската пресметка на Кипар без голови: Тричковски утна пенал, Глишиќ дебитираше

Македонската пресметка на Кипар помеѓу Докса и АЕК Ларнака со вкупно шест македонски интернационалци заврши без победник и без голови, а репрезентативецот Иван Тричковски е еден од трагичарите зашто промаши пенал.

Сите шестмина Македонци играа вечерва во пресметката, Тричковски и Спировски од стартот за АЕК, Дамјан Шишковски и Душко Трајчевски од почеток за Докса, па Даниел Мојсов доби 13 минути на крајот кај тимот од Ларнака, додека деби на Кипар имаше Дарко Глишиќ, кој неодамна го засили овој тим и ги одигра последните осум минути.

Тричковски имаше шанса за нов гол по пола час игра, но го промаши откако шутна многу лошо, па Шишковски лесно по средина му го фати ударот од белата точка, а потоа Садик промаши пенал за Докса во 53-та минута, па мрежите мируваа на овој меч, по кој АЕК кој е во сериозна криза со пет меча без триумф (две ремија и три порази) сега има 31 бод од 20 меча, а Докса дојде на 26. Двата тима се еден зад друг на петтото односно шестото место.