Лудило во Солун: Судијата поништи гол во 90-та, па на терен излезе газдата – со пиштол! (ВИДЕО)

Дербито меѓу ПАОК и АЕК, на „Тумба“ не го дочека крајот, иако влезе во 90. минута. Токму во неа почна еден опасен заплет.

Резултатот беше 0-0, кога од една мешаница во шеснаесетникот ПАОК постигна гол. Еуфоријата на трибините беше инстант, но истовремено и фудбалерите на АЕК се стрчаа кон линискиот судија за да протестираат.  Тогаш следеше консултација меѓу главниот арбитар Коминас и неговиот помошник и ете чудо – голот беше поништен.

Од забавената снимка се гледа дека во време на шутот на Варела, Маурисио навистина е во офсајд, но дискутабилно е тоа што не ја допира топката. Автоматски се активира вулкан не само од играчите, туку од целиот стадион, па теренот бргу почна да се полни со луѓе кои не припаѓаат таму.

Меѓу сите навивачи, резервни играчи и клупски претставници, во поход кон правдата тргна и газдата на ПАОК, Иван Савидис. Неконтролирано се залета кон судијата Коминас, но не успеа да стигне до него од многуте луѓе. Бргу дојде и обезбедувањето за мирно да го отстрани, но она што падна во очи отпосле, од фотографиите од настанот, е пиштолот на колкот на Савидис.

Кој знае како изгледаше разврската во визијата на Савидис, но за едно чудо, конкретен инцидент беше избегнат. Домаќините размислуваа и за повлекување, иако остануваа само уште неколку минути до официјален крај на мечот, вклучувајќи го и судиското продолжение, сепак тој тука застана.

Се очекува одлука каков епилог ќе добие дербито, но најважно е дека нема – трагичен.