Локомотива Загреб го продаде голманот за 6 милиони евра во Атлетико Мадрид!

Новиот клуб на вардаровото дете Џемал Ибиши, Локомотива Загреб, вицепрвак во Хрватска, го продаде својот голман Иво Грбиќ за шест милиони евра на Атлетико Мадрид, најавија шпански, а потоа и хрватски медиуми.

Очигледно Хрватите и тоа како умеат добро да заработат од трансфери, па само Локомотива со оваа продажба летово стигна да заработи 10 милиони евра, откако претходно ги продадоа Лирим Кастрати во Динамо (2 милиони), Мирто Узуни во Ференцварош (1,8 милиони) и Кристијан Јакиќ во Динамо (1,2 милиони).

Локомотива е „филјала“ на Динамо Загреб, па не треба да чудат овие суми, зашто контроверзниот хрватски бизнисмен Здравко Мамиќ, алфа и омега во фудбалот кај светскиот вицепрвак е едноставно мајстор за трансфери. Ако за Динамо џиновските трансфери не се нешто невообичаено, очигледно за фудбалски бизнис ептен го бива Хрватите, бидејќи Осиек својот најдобар фудбалер Мириќ го продаде на Монца за 4,5 милиони евра летово, а низ годините, клубовите им се наполнија со пари.

Грбиќ во Атлетико ќе замине после обврските во квалификациите за ЛШ, најмалку во две кола, а оди да му биде замена на Јан Облак. Атлетико ќе плати четири милиони евра веднаш, а уште две дополнително во бонуси.

За разлика од Локомотива, најдобриот и најтрофејниот македонски клуб Вардар во изминативе години не успеа да направи ниту еден гигантски трансфер, а последниот тим буквално бесплатно го распушти. Дури и вардарци, иако четирипати во последните шест години беа први во Македонија, немаат трансфер ниту во топ пет најголеми трансфери од македонски клуб во странски во земјава.