Легендарниот југословенски голман го брани најважниот пенал - за својот живот!

Драган Пантелиќ (69 години), беше синоним за фантастичен голман за многу генерации кои го засакаа фудбалот во последните три децении од минатиот век и кои го знаеја како чувар на мрежата на Раднички Ниш, деновиве го брани најважниот пенал – за својот живот.

Тој се наоѓа во тешка состојба во нишката болница, каде што е приклучен на респиратор, што асоцира дека е заразен со коронавирусот иако српските медиуми не го потенцираат тој факт. Неговата состојба се влошила денеска, поради што морал да продолжи да дише со инванзивна метода.

Освен за тимот од „Чаир“, Пантелиќ бранеше за Тимок и Бордо, а собра и 19 средби во дресот на СФРЈ на кои постигна дури два гола. Долго се памети неговиот погодок од гол на гол постигнат во дуелот со Вележ, кога на другата страна беше уште еден легендарен голман, Енвер Мариќ.