Ковид-19 го нападна и Пловдив: Фудбалери и навивачи на Локо заразени после куп-прославата!

Само два дена откако фудбалер на Царско Село зарази 20-на лица на фудбалски меч поради грешка на лабараторијата околу неговиот тест, коронавирусот влезе и во други два бугарски клубови, ривалите од Пловдив – Локо и Ботев.

Посебно во Локо Пловдив, кој пред една недела го освои Купот на Бугарија во пенал-рулетот со ЦСКА Софија, па според информациите на бугарските медиуми, четири фудбалери и над 50 навивачи сега се заразени од новиот опасен вирус и тоа поради – заедничката прослава на големиот успех.

Наводно фудбалерите што се заразени и поголем дел од навивачите заедно биле на прославата за пехарот во една дискотека, па сега таа прослава отворила голем кластер и веќе бројката надминала над 50 лица. Во Бугарија веќе е во ек вториот бран од пандемијата, па бројките алармантно се зголемија во последните денови.

Источниот сосед го рестартираше првенството, па потоа дозволи и навивачи на трибините, исто како и северниот сосед Србија, а и во двете земји во последнава недела го вклучија алармот откако сериозно почна коронавирусот да зема замав.