Косово за Македонија ќе биде посилно за уште една своја ѕвезда

Првиот противник на Македонија во мартовските баражи за историски настап на Евро 2020, Косово ќе биде посилно за уште една своја голема ѕвезда, зашто вториот најдобар стрелец на оваа селекција Арбер Зенели ќе биде подготвен за настап за полуфиналната плејоф-пресметка во Македонија.

Зенели е фудбалер на француски Ремс, кој во јуни годинава ги скина лигаментите на мечот со Црна Гора во Подгорица. Но, според последните информации неговата рехабилитација тече одлично, има огромен напредок и од почетокот на новата 2020 година ќе почне нормално да тренира, па ќе има доволни три месеци за да влезе во ритам и да се врати на терените во најдобро светло.

Зенели е вториот најдобар стрелец на Косовците зад ѕвездата од фенербахче, Ведад Муриќи, а лидер на тимот е бундеслигашката ѕвезда Милот Рашица од Вердер Бремен, кој е предводник на оваа селекција. Зенели инаку беше клучниот фудбалер за освојувањето на првото место во групата во Лигата на нации, а засега е единствениот репрезентативец на Косово кој има дадено хет-трик.

Од Косово веќе има најава за засилувања со неколку фудбалери од Швајцарија, кои се родум од оваа земја, а најмногу засега се притиска за голгетерот на Базел, Кемал Адеми, кој има девет гола на 12 меча во најсилната лига. Наводно, тој веќе добил косовско државјанство и веројатно се премислил за да игра за Косово, откако претходно неколкупати ја одбивал идејата да заигра за селекцијата.