Кога дојде, кога си замина: Јовичевиќ по само месец ипол раскина со Динамо Загреб!

После само еден ипол месец откако седна на клупата на загрепски Динамо, Игор Јовичевиќ не е повеќе тренер на „модрите“, чиј капитен е македонскиот репрезентативец Аријан Адеми.

Јовичевиќ денеска и официјално си замина од Динамо, после спогодбениот раскин на договорот, еден ипол месец на клупата откако на 22 април годинава официјално седна на клупата како наследник на Ненад Бјелица, кој ги направи најголемите успеси со клубот во историјата.

„Имав најдобри намери, но таков е фудбалот. Топката овојпат не ми врати, но си одам горд и со крената глава, зашто не сакам да бидам оптоварување во овој период. Им благодарам на клубот за довербата, благодарам за сите минати години во младинската школа, која ми даде можност да бидам и тренер на првиот тим. Јас секогаш ќе бидам динамовец и верувам дека ова е само довидување, а не збогум“, рече Јовичевиќ.

Јовичевиќ беше тренер на Динамо Б, а кога седна на клупата на А-тимот му го отстапи местото на Гоце Седлоски, кој сега е предводник на вториот тим и на младинската екипа која до 19 години во август ќе игра во завршницата од младинската ЛШ.