Касата полна до врв: Познато колку точно Црвена Звезда заработи од настапот во ЛШ!

Белградска Црвена Звезда во својот дебитантски настап во Лигата на шампионите го заврши со четири освоени бода, едно големо изненадување и победа над европскиот вицепрвак Ливерпул, со реми против Наполи и со четири порази. Сето тоа, сосе пласманот добро ја наполнија касата на црвено-белите.

Нема сомнение дека во Белград тријат раце за спектакуларната 2018 година во која играа шеснаестинафинале во Лига Европа, ја освоија шампионската титула, па преку квалификациите станаа прв тим кој од првото коло стигнал до групната фаза. Сето тоа на крај им донесе 25,5 милиони евра.

Звезда со настапот се најде на 27-то место од 32 екипи, а од последно пласираните само ЦСКА Москва (седум бода) и Јанг бојс (четири бода и подобра гол-разлика) се подобри од црвено-белите, а зад нив завршија Хофенхајм, АЕК Атина, ПСВ Ајндховен, Монако и Локомотив Москва.

По ваквиот финансиски ќар, Ц. Звезда практично ја преброди сериозната криза која го тресеше великанот со долгови од преку 50 милиони евра, кои после четири години сега се сведени речиси на нула.