Јаневски по една деценија се враќа во Енозис за да го спаси од испаѓање

Поранешниот македонски селектор и тренер на Вардар, Чедомир Јаневски после речиси една деценија се враќа во кипарски Енозис Паралимни, откако се договорил со управата да го преземе кормилото на овој клуб и да се обиде да го спаси од испаѓање во оваа сезона.

Јаневски беше тренер на Енозис од летото 2009 година до 9 јануари 2011 година, кога си замина после пораз од Олимпијакос со 1-3, но македонскиот тренер остави силен белег во тој период, посебно во сезоната 2009/10 во која малиот Енозис беше шести во лигата, па управата на клубот експресно се сети на него откако реши да го смени досегашниот кормилар Густаво Сиверо.

Поранешниот тренер на Вардар, кој ги внесе црвено-црните во групите во Лига Европа во 2017 година од петокот е на Кипар, каде речиси ги договорил сите детали од соработката, па кипарските медиуми најавуваат дека многу брзо, веројатно уште утре ќе биде промоцијата на Јаневски за нов кормилар.

Во моментов во Кипар првенството е прекинато откако автомобил на судија експлодира, па терористичкиот чин, ги одложи мечевите закажани за викендов. Енозис со 11 бода е претпоследен, но со само пет бода помалку од осмиот Олимпијакос Никозија во лигата со 12 екипи.

Последен клуб на Јаневски беше египетски Исмаили, а македонскиот тренер беше во конкуренција и за селектор на Зимбабве, а е бивш кормилар на неколку белгиски клубови како Монс, Мускрон, Васланд Беверен, Бриж. Беше тренер и на белградска Црвена Звезда, а на Кипар освен на клупата на Енозис седеше и кај Етникос Ахна.