Јаховиќ: Убаво е да се даде гол против Фенербахче, ама џабе е ако не победите!

Македонскиот репрезентативец Адис Јаховиќ, кого актуелниот селектор Благоја Милевски го врати во националниот тим вчеравечер го даде својот втор гол сезонава во турската Суперлига и тоа против великанот Фенербахче во ремито 1-1 со својот Гецтепе.

За Јаховиќ ова беше прв гол после еден месец откако својот прв сезонски погодок го постигна против Касимпаша, но македонскиот интернационалец не се израдува премногу на погодокот против гигантот од Истанбул, зашто Гецтепе не победи и остана во опасната зона во елитното натпреварување.

„Убаво е да се даде гол против Фенербахче, ама џабе е ако не победите. Победите се најважни, а не моите голови. Чекав грешка на одбраната, тие постојано го бараа Озил и кога видов кратко додавање, се 'активирав' и дадов гол. Но, неважен е мојот гол, требаше да победиме“, вели Јаховиќ.

Македонскиот репрезентативец откако дојде во Турција, двапати беше „бронзена копачка“ во Суперлигата, а месецов не беше дел од македонската репрезентација откако се повреди буквално пред собирот и ја прескокна завршницата од овие мундијалски квалификации во кои беше испишана нова историја со пласман во баражот за СП во Катар догодина.