Израсна во Ростов, Путин го направи милијардер, а со тобако-империјата ја купи пола Грција

Иван Савидис е газдата на солунски ПАОК, кој направи скандал вчера откако со пиштол влета на теренот на стадионот „Тумба“ во Солун за време на дербито на солунските црно-бели против АЕК Атина во дербито за титулата. Втрча како шериф за да дели правда и да се пресмета со судијата Јоргос Коминис, кој го поништи голот за победа на ПАОК.

Во Солун секој меч е посебна приказна. Пред една недела дербито со Олимпијаос не се одигра, откако навивачите со ролна тоалетна хартија го погодија во нос тренерот на актуелниот првак, а сега на сцена стапи контроверзниот лик, за кој кај јужниот сосед се вели дека е газда на – половина Грција.

Во судиското надополнување Варела даде гол за ПАОК, а „Тумба“ падна во делириум. Но, победата со која ПАОК ќе направеше огромен чекор кон титулата, долго не се радуваа солунските навивачи. Титулата која ја чекаат 33 години им ја „зема“ судијата Коминис поништувајќи го погодокот поради офсајд. Како што го поништи голот, Коминис практично даде знак за ново лудило и ново безредие. Еуфоријата се претвори во бес, а на сцена стапи Газидис. Влета со пиштол, а Коминис кога виде кој го брка и дека е наоружан, експресно го прекина мечот.

Првиот човек на ПАОК го згрози фудбалскиот свет, а скандалот на солунската гробница (Тумба на грчки значи последно почивалиште) го обиколи светот и сите се прашуваат кој е пиштолџијата со седа коса и брада?

Иван Игњатевиќ Савидис е роден во 1959 година во тогашната советска република Грузија. Според „Форбс“ е тежок 750 милиони долари и е 30-от најбогат Русин. Иако според презимето, Савидис е Грк, и тоа потски или кавкаски Грк. Така ги нарекувале Грците, кои пред турските освојувачи бегале во Јужна Русија, Украина и Грузија.

Савидис со 14 години побегнал од дома и заминал во Ростов во Јужна Русија. Таму преживувал, работејќи со тутун, работа која му останала од младоста од крајот каде сите садат тутун. Преку ден Савидис правел цигари во фабрика, а навечер учел за испитите на факултет. Неколку децении подоцна, тој е доктор на науки, а што е најважно, најголем руски преработувач на тутун.

Неговата фабрика „Донској Табак“ годишно произведува 30 милијарди цигари, а секоја десетта цигара која Русите ќе ја испушат е од фабриките на Савидис.

Но, тоа што е најважно, до ваква позиција на која се наоѓа сопственикот на ПАОК не се изборил сам со својата способност и памет, туку поради пријателството со вистинскиот човек – Владимир Путин. Рускиот претседател и еден од најмоќните луѓе на светот е близок пријател со Савидис, а Гркот бил член на рускиот Парламент во периодот од 2003 до 2011 година, како пратеник од владејачката Единствена Русија.

Путин особено е горд на Црвената Армија, на својата војска, способностите на истата и на военото наоружување. Тоа го знае Савидис, па за да му се умилкува на Путин, од неговата фабрика секоја година на војниците кои ѝ служат на Русија им подарува по милијарда цигари.

Но, сето ова не е само умилкување. Савидис своевремено бил мајор во советската војска, па сето ова имало за цел да им ги олесни војничките денови на руските војници.