Ивановски е здрав, ама за Хајдук не игра за да не добие нов договор по автоматизам?!

Поранешниот македонски репрезентативец Мирко Ивановски летоска ја засили сплитската гордост Хајдук, но не се изнаигра премногу во хаотичната полусезона во која „билите“ беа поблизу до дното, отколку до врвот.

Ивановски ги прескокна поголемиот дел од подготовките поради повреда, но веќе две недели тренира нормално, здрав е, ама шанса кај новиот тренер Синиша Орешчанин не добива.

„Мирко е нормално во тренинг, ќе видиме дали ќе биде во тимот“, рекол Орешчанин, на прашање што се случува со македонскиот интернационалец.

Но, зад сето тоа се крие една многу интересна работа околу иднината на Македонецот. Ивановски досега има 22 меча за Хајдук во кои даде пет гола и имаше три асистенции, но од тие 22 меча, на 16 играл најмалку 45 минути или повеќе. И според клаузулата во договорот, ако одигра уште четири такви мечеви, од најмалку едно полувреме, неговиот договор по автоматизам ќе биде продолжен.

И сега медиумите во Хрватска шпекулираат дека тоа што Ивановски е во втор план може да е најава дека слитскиот тим сака да се раздели со Ивановски и не ризикува автоматско продолжување на истиот. Но, јасен и гласен став од „Пољуд“ за иднината на Македонецот нема.

Засега останува Ивановски да чека на шанса, или на дефинитивна одлука од клубот, што Хајдук планира со него во блиска иднина.