Интер нуди бразилски репрезентативец за да го добие Елиф Елмас

Миланскиот великан Интер сериозно загризал за македонскиот бисер од Фенербахче, Елиф Елмас, па „нераѕурите“ сакаат по секоја цена да го добијат, иако долга е листата на заинтересирани клубови кои на секој начин се обидуваат да го добијат потписот на младиот фудбалер за врска.

Завчера италијански менаџер кој соработува со Интер бил на преговори со Фенербахче околу можноста да го купат Елиф Елмас, со неколку опции и адути за да се убеди истанбулскиот клуб да го продаде македонскиот бисер. Како што објави „Милијет“, Интер за Елмас го понудил и бразилскиот репрезентативец Жоао Миранда.

Миранда е дефанзивец, кој треба да го пополни местото во Фенербахче по заминувањето на Мартин Шкртел, а е бивши фудбалер на Атлетико Мадрид и сега на Интер, за кој има 104 настапи за „нераѕурите“. Но, доаѓањето на Диего Годин и фактот дека Милан Шкринијар се незаменливи, Миранда нема да има минутажа на „Џузепе Меаца“. Но, прашање е дали Фенербахче ќе сака да даде екстраталентиран фудбалер за 34-годишен стопер, без оглед што Интер секако ќе доплати 10-на милиони евра за трансферот

Сега останува да се види на што ќе се реши Фенербахче, чија управа многу повеќе посакува да добие пари за Елмас и тоа над 20 милиони евра, за да покрие една третина од големите долгови во кои западна клубот

За Елмас досега понуди доставиле Фиорентина, Лацио, Тотнем, но турските медиуми засега објавија дека најконкретна е таа од Атлетико Мадрид, речиси 20 милиони евра. Елмас има договор во Истанбул до јуни 2022 година.