И судот немилосрден: Потврдена казната од десет години за албански Скендербег!

Арбитражниот суд во Лозана ја отфрли жалбата на поранешниот албански првак Скендербег, која тимот од Корча ја упати по одлуката на Европската фудбалска унија (УЕФА) да ги казни со десетгодишна суспензија од Европа и парична казна од еден милион евра за аферата со местенки.

Судот во Лозана ја потврди одлуката и ја отфрли жалбата, со што Скендербег ги загуби сите правни можности да се спаси од најтешката суспензија за еден клуб во историјата.

„На основа на достапните докази, советот на Арбитражниот суд заклучи дека Скендербег е одговорен за местенки и одлуката на дисциплинската комисија на УЕФА е одмерена и исправна. Во склад со тоа, жалбата на Скендербег се одбива“, стои во одлуката на КАС.

 

УЕФА во март лани го казни Скендербег со десетгодишна суспензија и еден милион евра парична казна, а олуката ја потпиша првиот човек на дисциплинската комисија на УЕФА, Томас Партл од Австрија. Одлуката е донесена по широка и обемна истрага, следејќи го текот на уплати во низа обложувачници. Раководството на Скендербег манипулирало со резултатите и така остварувало финансиска корист, уривајќи го угледот на фудбалот.

Скендербег местел мечеви со Крусадерс од Северна Ирска, со хрватски Динамо Загреб, како и во групната фаза во Лига Европа со Спортинг Лисабон и московска Локомотива.