Хрватска ќе остане со истиот селектор и по Мундијалот во Катар!

Фудбалската репрезентација на Хрватска ќе биде предводена од селекторот Златко Далиќ и по Мундијалот во Катар кон крајот на следната година, откако потпиша договор со важност до крајот на Европското првенство (ЕП) во 2024 година.

Тој седна на клупата на „коцкестите“ во 2017 година и од тешка ситуација успеа да ги пласира на СП следната година во Русија, каде што стигна до финалето и на крајот се закити со сребрениот медал. Далиќ дојде и до место на ЕВРО 2020 на кое ја внесе Хрватска во вториот круг, а неодамна стана првиот хрватски селектор кој изборил пласман на три големи натпреварувања по ред, по обезбедување виза за Мундијалот во Катар.

Колкаво е неговото значење за „коцкестите“ покажува и фактот што при потпишувањето на новиот договор е претставен како најуспешен селектор во историјата на хрватскиот фудбал.