Хасани на чекор до Партизани: Албанскиот клуб во преговори со репрезентативецот

Македонскиот репрезентативец Ферхан Хасани е на чекор да го засили албанскиот Партизани од Тирана, откако на почетокот на годинава му пропадна трансферот во првакот Тирана, објавија албанските медиуми, после средбата на директорот на Партизани, Олси Рама со поранешниот фудбалер на Шкендија.

Хасани веќе беше договорен со Тирана за да им се придружи на Филип Најдовски и Кристијан Тошевски во албанскиот првак, но трансферот пропадна откако Тирана доби забрана за регострација поради долг од 200.000 евра кон поранешен фудбалер, па се најавуваше дека офанзивниот фудбалер за врска ќе заврши во Индија, во клубот Ченајин, кој стана познат после скриената камера со Италијанците му ја направија на Горан Пандев.

Според информациите од Албанија, Рама имал двочасовен телефонски разговор со Хасани, по што клубот официјално ја проследил понудата до менаџерот на македонскиот фудбалер и сега се очекува конечен договор.

Засега нема информации колкава е понудата, зашто Хасани прифати претходно да игра во ривалската Тирана за 150 илјади евра годишно. Наводно Хасани побарал скоро иста плата, за која првиот човек на клубот порачал дека ќе се обиде да ја исполни, само Партизани да го направи првак кај западниот сосед.

Екс-фудбалерот на Шкендија од ноември е слободен играч откако му заврши договорот со Хелсинки, претходно беше дел од германски Волфсбург, дански Брондби, играше и во Саудиска Арабија и тој веќе јавно истакна дека сака да игра во албанскиот фудбал кога практично беше пред договор со првакот Тирана.