Градот Загреб во Динамо вложил 75 милиони евра, а Град Скопје во Вардар - колку?

Динамо Загреб изминативе 15 години стана убедливо најсилниот тим на Балканот. Со редовните учества во групната фаза од Лигата на шампионите и Лигата на европа, загрепчани изградија специјален фудбалски бренд. 

Клупската каса постојано се полни од УЕФА, но исто така и поради неверојатните трансфери. Само да потсетиме своевремено дресот на овој тим го носеа ѕвезди како Лука Модриќ, Марио Манџукиќ, Марцело Брозовиќ, Милан Бадељ и многу други имиња кои направија милионски трансфери во европски гиганти.

Дека овој успех на Динамо не е случаен потврдува и загрепскиот градоначалник, Милан Бандиќ. Градот има вложено милиони евра во клубот, па сето тоа се враќа со големи резултати и милионски трансфери.

„Успехот на Динамо не е случаен. Градот Загреб во Динамо има вложено 75 милиони евра изминативе 20 години. Во спортот мора да се вложува и да го препознаеш интересот. Еден од новите примарни проекти е да поченеме со изградба на нов стадион за Динамо. На истото место. Додека се усогласуваме за нов национален стадион, ние ќе го изградиме новиот стадион на Динамо. Изградбата е договорена пред 20 дена, а недостига само печат“, вели Бандиќ.

Јасно е дека без сериозни вложувања во спортот, не може да се очекува успех. Ако ги споредиме Динамо Загреб и најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, тогаш разликата е јасна. Ако Загреб вложил 75 милиони евра во фудбалскиот клуб изминативе две декади, Градот Скопје во Вардар дали има вложено едвај еден милион евра.

Вардар беше во целосно владеење на главниот град од 2011 до јануари 2014 година додека Сергеј Самсоненко не ги откупи сите акции. Во тој период Вардар имаше скромен буџет, а се финансираше со помош на неколку државни претријатија.

Најголем успех во историјата на клубот останува учеството во групната фаза во Лигата на Европа во сезоната 2017/2018. Тогаш клубот заработи нешто повеќе од четири милиони евра од премииите од УЕФА. Замислете колку пари има заработено Динамо Загреб изминативе години со редовното учество во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а секако тука се и приходите од продажбата на фудбалери.

Само уште една илустрација колку голем клуб е Динамо во однос на сите други на Балканот е фактот дека за нивниот „бисер“ Дани Олмо, летово европските гиганти нудеа и по 30 милиони евра, но тоа не беше доволно добро за челниците да го продадат.